Европскиот пат на мојата држава е поплочен со двојни стандарди, со нови барања и услови коишто не им биле поставени на други држави, рече денеска претседателката Гордана Сиљановска Давкова во обраќањето на панелот „Пактот за иднината на Обединетите нации: градење на нов глобален консензус“, во рамки на 12. Глобален форум во Баку.
Порача дека не отстапуваме ниту од стратешката цел за членство во ЕУ, ниту од стратешкото партнерство со САД, бидејќи, како што рече, и покрај тековните превирања, веруваме во важноста од ефективен трансатлантизам, базиран на меѓународни правила и принципи, јави известувачот на МИА од Баку.
Но, исто така, свесни сме дека секогаш, пред да се погазат физичките граници, се газат принципите и вредностите. Двојните стандарди генерираат преседани коишто прераснуваат во правила. A кога се прават компромиси со меѓународните правила и принципи и со меѓународното право, се компромитираат Обединетите нации, се обезвреднува Повелбата и се поткопува меѓународниот поредок, укажа претседателката.
Она што Обединетите нации се за светот, рече таа, Европската Унија е за Европа – мултилатерален проект со една врвна цел – мир на континентот. Тоа го постигнува преку политиката на проширување со нови земји членки коишто ги исполнуваат копенхагенските критериуми.
Како олицетворение на мултилатерализмот, Европската Унија има обврска непристрасно и конзистентно да го брани мултилатерализмот. Но, европскиот пат на мојата држава е поплочен со двојни стандарди, со нови барања и услови коишто не им биле поставени на други држави. Неодамна, на еден од панелите на Минхенската безбедносна конференција, македонскиот премиер постави реторичко прашање: зошто, кога Русија го негираше украинскиот идентитет и јазик, цела Европа стана во одбрана на Украина, а кога една земја членка на Европската Унија го негираше македонскиот идентитет и македонскиот јазик сите молчат. Одговорот на модераторот на панелот беше: „затоа што вие не сте нападнати“. За волја на вистината, не молчат, туку бараат да ги прифаќаме неправедните услови и да преговараме за нашиот национален идентитет, за нашиот јазик, нашата култура, историја, па и за нашиот уставен поредок, рече Сиљановска Давкова.
Според неа, пропуштени се многу можности за реформи на ООН, а застарените мултилатерални инструменти на Обединетите нации веќе не можат да одговорат на сегашните геополитички, економски, еколошки, демографски и технолошки предизвици.
Ретко кога Обединетите Нации ни биле толку потребни како денес. А сепак, ретко кога Обединетите нации биле толку политички маргинализирани како што се денес, рече претседателката.