Претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска Давкова вечерва во дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21 истакна дека јасно е оти преговарачката рамка нема да се менува.
„Не говорам јас за промена на преговарачка рамка, мене ми е јасно дека гласале сите, јас зборувам за нејзиното спроведување, со интерпретација. Им го кажав и во Обединетите Нации на сите дека велат дека Преспанскиот договор. Зашто разговараме ние со Бугарија? За историја, за култура, за јазик. Извинете, Грција прво како потписник на Преспанскиот, ама и ЕУ треба да укажат дека нека си разговараат во комисијата историчарите, ама не може тоа да биде причина за вето, за тоа треба добра воља. Не може конститутивен фактор да биде МНР Османи“, вели Сиљановска Давкова.
Што се однесува до проблемите со источниот сосед Сиљановска Давкова истакна дека Бугарија има Совет за малцинство, во кое го нема македонското.
„Свест за постоење на малцинствата се гради, ако вие не ги почитувате пресудите на Судот во Стразбург, каде седи и бугарски претставник, значи вие и како држава не градите свест. Не велам јас, замислете сега Советот на Европа да побара од Бугарија да го смени Уставот, бидејќи Уставот како Устав што е инспириран од демосот, од индивидуализмот забранува партии врз етничка и верска поделба, но да го оставиме тоа ама Бугарија е потписник на Конвенцијата на заштита на правата на малцинствата“, вели Сиљановска Давкова.
Во врска со одвојувањето на Албанија од Македонија, таа истакна дека сега очекува Европската Унија да има јасна стратегија и за нас.
„Јас сакам, дали во рамките на Берлинскиот процес, дали во рамките на она што следи сега, ЕУ навистина да манифестира јасна стратегија за нас“, вели Гордана Сиљановска Давкова.