Претседателскиот канидат на ВМРО- ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова, посочува дека со најновата законодавна иницијатива на Европската комисија, која треба да биде усвоена од Европскиот парламент и Советот на ЕУ, се разгледува можноста за воведување финансиски санкции за земјите членки на ЕУ кои го нарушуваат владеењето на правото. Таа вели дека кај нас се случува целосен распад на правниот систем и од таа причина нема да добиеме датум за преговори со ЕУ.
-До скоро велеа, само името е проблем, да го смениме и ќе почнеме да чекориме со големи чекори напред. Сега, кога го продадоа името по цена на кршење на сите правни начела, ќе се соочиме со уште една чекална. Додека на чело на државата стојат политичари кои се сметаат за итри и умни, нашиот пат кон ЕУ ќе се претвори во „чекање на Годо“ (кој никогаш и не стасува), напиша Силјановска Давкова на Фејсбук.
ПРАВНАТА ДРЖАВА И ЕУ
Кога зборувам за правната држава, моите опоненти од коалицијата на СДСМ велат дека сум претерувала, дека политиката е таа што доминира, а не правото. Дека тоа не е така покажуваат вестите кои стасуваат од Брисел. Во денешна „Нова Македонија“ пишува: „Парични казни за членки на ЕУ кои ја загрозуваат правната држава“. Станува збор за најновата законодавна иницијатива на Европската комисија, која треба да биде усвоена од Европскиот парламент и Советот на ЕУ. Имено, се разгледува можноста за воведување финансиски санкции за земјите членки на ЕУ кои го нарушуваат владеењето на правото, а во рамки на идната европска буџетска рамка за периодот 2021-2027. Постојано нагласувам, Европската унија е и заедница заснована на правото. Новата регулатива покажува дека и европските демократии не се имуни на слабости, дека и во нив има примери на кршење на принципите на правната држава. Но, она што се случува кај нас е целосен распад на правниот систем и правната сигурност. Затоа, ве чуди ли што во јуни нема да добиеме датум за преговори? Еве, премиерот Заев повторно се обидува да ги изврти зборовите на комесарот Хан, но безуспешно. Хан повтори дека е време за „подготвителна фаза за преговори“, но тоа не значи ПОЧЕТОК на преговорите! Нешто што го чекаме од 2005 година. До скоро велеа, само името е проблем, да го смениме и ќе почнеме да чекориме со големи чекори напред. Сега, кога го продадоа името по цена на кршење на сите правни начела, ќе се соочиме со уште една чекална. Додека на чело на државата стојат политичари кои се сметаат за итри и умни, нашиот пат кон ЕУ ќе се претвори во „чекање на Годо“ (кој никогаш и не стасува).
Затоа, да засукаме ракави и да почнеме да го применуваме правото и нека ни биде водилка правдата – овде, тука, и СЕГА! А не во иднина! Само така ќе станеме пристојно место за живеење и европска демократија. Да почнеме од претседателските избори! И да не застанеме на нив…