Гордана Силјановска Давкова, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ во своето гостување во емисијата „За или против“ зборуваше за доаѓањето на претставници на меѓународна заедница во Mакедонија каде посочи дека тоа е загрижувачко затоа што нема посуверено прашање од Уставот.
-Сигурно како професор по уставно право ме загрижува посетата на голем број меѓународни претставници, зошто нема посуверено прашање од Уставот. Впрочем Уставот е не само закон над законите, највисокиот правен акт туку своевидна општествена повелба и се разбира кога се пишува Устав се тргнува од што, секогаш првиот или вториот член е суверенитетот, извира од граѓаните и им припаѓа ним. Всушност и во актите на ЕУ, во договорот за ЕУ, убаво пишува дека ЕУ ќе ги почитува не само традицијата, историјата, националниот и културниот идентитет на народите, туку и дигнитетот и интегритетот на луѓето, но исто така и политичките и уставните структури, рече таа.
Силјановска Давкова во своето гостување потсети дека многу земји членки на ЕУ воопшто не интервенирале во своите устави дури и по влегувањето во ЕУ.
-Само да потсетам дека многу земји членки на ЕУ воопшто не интервенирале во своите устави дури и по влегувањето во ЕУ. Јас би сакала ние да интервенираме како Словенија, како Хрватска и да дадеме предност на европското право токму во сферата на владеењето на правото. Ако го отворите италијанскиот Устав или холандскиот, ниту еден збор нема да прочитате за ЕУ, или ако го отворите естонскиот ќе видите дека има нејасна одредба. Но многу членки на ЕУ како Словачка, како Полска за прашањето за суверенитет дури ја имаат вечната клаузула, непроменливоста, кажа пратеничката.
Таа додаде дека Република Македонија е една од ретките земја каде Уставот не го смета за најсуверено прашање.
-Јас не велам дека во ера на глобализација или во ера на евроинтеграција дека суверенитетот е неограничен денеска, но факт е дека најголемиот број од државите, особено оној од Централна и Источна Европа, Уставот го сметаат за најсуверено прашање. Тоа не е така кај нас и ова не е прв пат, ова е веќе серија врзана со договорите, ние сме ретка земја, Кипар можеби е другата и се разбира Босна и Херцеговина каде што дури и во преамбулата се повикува на договори, додаде таа.