ретседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска повтори дека таа ќе го почитува Преспанскиот договор, но ќе го задржи правото некогаш да ја употребува придавката или името, а за написот на венецот, кој го положи пред спомен плочата на македонски јазик во базиликата „Санта Марија Маџоре“ во Рим рече дека имало различни мислења во Кабинетот, но со оглед на просторот што го имало на лентата, на крај одлучиле да стои само нејзното име, како предводник на државно-црковната делегација.
– Повикувам да се препрочита Преспанскиот договор, особено во делот на промената на документите за внатрешна употреба што е непознат феномен во историјата на човештвото, во врска со фактот дека таму се врзува овој чин или крајниот рок за истекот на пет години, меѓутоа и за отворањето на првото поглавје и на поглавјата. Кој одлучува за отворање на прво поглавје? – Европската унија. Значи и тие требале да сторат нешто за реализација на Преспанскиот договор. Значи, не сум го прекршила Преспанскиот договор, тој е во сила, ќе го почитувам, но си го задржувам правото да го употребувам, некогаш и придавката да ја употребувам или името, изјави Сиљановска Давкова, одговорајќи на новинарски прашања на маргините на конференцијата за одбележување 85 години од раѓањето на професор Ѓорѓи Марјановиќ денеска на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.
Во врска со венецот, што го положи во Рим, претседателката рече дека во Кабинетот се консултирале и имало различни мислења, но напомена дека тие ленти не се многу големи и оти таа лично сметала дека може да се стави РС Македонија, но на крајот одлучиле да стои нејзиното име, како предводник на државно-црковната делегација.
– Знаете дека тие лентите не се многу големи. Разговаравме во Кабинетот. Имавме и различни мислења меѓу себе. На пример, јас имав мислење дека може да биде РС Македонија, но, некако на крајот рековме дека бидејќи јас сум на чело на државно-црковната делегација би можело и ова да биде некое решение. Знам дека може да има забелешки. Ги разбирам многу од нив. Многу од нив се логични бидејќи, точно дека Македонија ја претставуваме таму. Но, веројатно во време кога како што знаете после моето избегнување на говорницата на официјалното име на државата, односно после определувањето за Македонија врз основа на правото како што реков деновиве на самоопределување и самоидентификација или слободата на изразување на мислата, се одлучивме за ова решение, појасни шефицата на државата.
За некористењето на уставното името и како тоа се одразува на односите со соседите, смета дека не може со една изјава да се вратат односите наназад.
-Односите се такви какви што се, бидејќи односите може да се добри тогаш кога навистина сме исчекориле во евроинтеграцијата, зошто ако го смените името врз основа на референдумско прашање дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Преспанскиот договор тоа е обврска не само за нас, рече таа и додаде дека промената на името, било веројатно една од најголемите промени во животот на некоја држава или нација.
Додаде дека е добро што земјата е членка на НАТО, но смета дека не е чекор напред тоа што повторно стоиме пред промена на Уставот за да почнат преговорите, оти, како што рече, „дали сте за членство не значи дали сте за почеток на преговори“. Нагласи дека логично би било сите да ги реализираат преземените обврски.
Во врска со писмената честитка на Стејт департментот за прва жена претседател, која, како што објавија медиумите не била испратена поради неупотребата на уставното име на инаугурацијата, Сиљановска Давкова истакна дека таа имала средба со американската амбасадорка Анџела Агелер. ден пред инаугурацијата во Парламентот и дека тоа е нивна одлука во која таа не може да се меша.
– Според мене тоа не значи прекршување на Преспанскиот договор. Јас и пред некој ден кажав – ниту јас одбив да ја потпишам изјавата, ниту ја искинав, ниту реков дека ќе покренувам постапка за поништување на Преспанскиот договор иако таму има постапка. Јас само усно си го искористив сократовски правото на слободно изразување на мислата така како што го прават и многу други претседатели, вклучувајќи го и претседателот на САД, претседателите – значи и тие употребуваат скратени изрази, инаку би требало да се автоцензурирам. Исто така знам дека на телевизиите многу често оди Македонија, а и тие имаат понекогаш проекти од државата, имаме партија која е финансирана од државата, а во името има Македонија, мислам на СДСМ, рече Сиљановска Давкова.
Во врска со можноста за признавање на палестинската држава, таа истакна дека е е рано да се размислува за тоа и оти тоа прашање не дошло на дневен ред.
За челната позиција во Агенцијата за разузнавање и дали ќе даде нов предлог или и натаму ќе ја предводи Еролд Муслиу вели дека нема нов предлог и дека нему се уште не му е истечен мандатот.
– Ако не ви е истечен мандатот само доколку направите некои повреди тогаш може да бидете сменет, значи мандатот му тече. Јас не знам се уште, се уште не можам да откријам дали имало некакви повреди. Кога ќе дојде времето или ако истече мандатот, а тој не е истечен или ако има некои причини за предвремен престанок на мандатот, тогаш би можела јас да размислувам, рече Давкова.