За време на работната посета на Република Албанија, каде што учествуваше на Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се сретна со претставници на македонското национално малцинство во оваа земја.
Таа беше информирана за нивната состојба и за односот на албанските институции кон нив, на државно и на локално ниво, како и за досегашните иницијативи и планирани активности за зајакнување на националната и културната самобитност.
Претседателката вети дека матичната држава ќе продолжи да вложува напори за да ги подобри нивните права и да ги зацврсти врските со татковината.
На средбата присуствуваа: Марјана Костофски-Фелах, претставничка на македонското национално малцинство и членка на Комитетот за национални малцинства при Владата на Албанија; Ендрит Фетаху, потпретседател на Македонска Алијанса за европска интеграција – единствената партија на Македонците во Албанија; Незир Муча, потпретседател на Македонското друштво „Илинден“ – Тирана, Славица Свидерска, професорка по македонски јазик на Лекторатот по македонски јазик на Факултетот за странски јазици при Универзитетот во Тирана и дипломати на македонската амбасада во оваа држава.
Сиљановска-Давкова изрази задоволство што изворно може да ги чуе релевантните претставници и со нив да разговара за одлуката на албанските власти за утврдување на критериумите, документацијата и постапките за собирање на податоци за идентификација на лица кои припаѓаат на националните малцинства која важи и за Македонците во Албанија.
Укажувајќи дека со одлуката се утврдени критериумите коишто ќе им овозможат на сите, слободно да ги изразат националната припадност и јазикот на којшто зборуваат, таа рече дека токму припадниците на македонското национално малцинство се засегнати од оваа постапка.
Претседателката Сиљановска-Давкова на средбата постави повеќе реторички прашања:
Кој би бил проблемот да го правите вие она што сите држави го прават во однос на националните малцинства во поглед на издавањето на државјанство на пример?
Кој е проблемот вие да отворите повеќе гранични премини?
Кој е проблемот вие на пасошите на кои им е истечен рокот, да им го продолжите рокот?
Кој е проблемот вие, како држава да интервенирате во доделувањето на пасоши на луѓе коишто имаат потреба од тоа? Тоа го прават сите во нашиот регион, ама го прават и во светот.
Таа запраша и кој е проблемот да помогнете понекогаш во изучувањето на македонскиот јазик? Да отворите повеќе лекторати. Кој е проблемот онаму каде што има припадници на македонското малцинство да отворите конзулат?
Претседателката смета дека тоа не е голем проблем затоа што се работи за проблеми поврзани со идентитетот.
На прашањето дали како претседателка ќе иницира, ќе помогне во решавање на нивните барања, таа рече дека не би била таму ако не дошла со цврста намера, не само да ги сослуша, туку и да ги пренесе нивните проблеми до надлежните.
Претседателката порача дека имаме добри односи со Република Албанија, имаме разбирање, и во рамките на ова разбирање, треба да продолжиме онаму каде што некој застанал и направил грешка, кога морал да биде уште поактивен. Ние сме тука обврзани да помагаме.