Кандидатката за претседател Гордана Силјановска-Давкова попладнево беше во посета на Дебар и Ростуше, каде што имаше средби со граѓани, на кои им се заблагодари за поддршката и порача дека на 8 мај вечерта заедно ќе ја слават победата.

Ја заслуживте мојата благодарност за поддршката во првиот круг, без вашите гласови сигурно дека немаше да биде ваков резултатот каков што е многу инспиративен, не само за мене, не само за ВМРО-ДПМНЕ, туку за сите граѓани. Ние не агитираме, не ви велиме дека мора да гласате за нас, ама знаеме за кого ќе гласате. Ќе гласате за подобрите, ќе гласате за оние кои носат промени, а не оние кои велат дека грешеле ама сега ќе се обидат тоа што го згрешиле да го поправат, бидејќи тоа е невозможно, изјави Давкова во Дебар.

Не е точно, додаде, дека стартуваме од нула, нагласувајќи дека „ние не шутираме пенали, а тие ги промашија на празен гол“.

Продолжувам онаму каде што застанавме таму каде што вие ни рековте дека треба да застанеме зашто гласовите се ваши, гласовите се на граѓаните и ние тоа нема да го заборавиме. Ако реков дека во првиот круг очекувам политички земјотрес, тој се случи, дури и со поголема разорна сила, која го допре СДСМ ама на 8 мај очекувам политички вулкан, бидејќи некои процеси можат да се насетат и не можат да се избегнат. Неминовен е поразот на СДСМ, на ДУИ, на коалицијата и неминовна е победата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Неминовен е поразот на господинот Пендаровски и се насетува мојата победа. Тоа е јасно. Ова власт мора да си оди, рече меѓу другото таа.

Испочитувајќи го езанот на дебарските имами таа за кусо ја прекина изјавата, породлжувајќи со ветување дека ќе биде претседателка на сите.

Можеби ова е добар момент да кажам дека ќе бидам претседателка на сите, ќе се однесувам натпартиски, ќе се однесувам со почит кон граѓаните без оглед на етничката, верска или било каква друга припадност, бидејќи претседателите, а особено претседателките треба да обединуваат, а не да разединуваат. Ќе функционирам посветено одговорно како дома, бидејќи Македонија е мојата многубројна фамилија. Само така ќе си ја вратиме гордоста ,а Македонија ќе има на што да биде горда, порача Давкова од Дебар.

На средбите што ги имаше во Ростуше искажа убеденост дека победата на 8 мај ќе биде уште поголема.

Шанса за опоравување кај нив нема, ама кај нас еве потсетете ме, на 9 или на 8 мај вечерта, има шанса за уште поголема победа, заедно со парламентарните избори и ВМРО-ДПМНЕ бидејќи претседателот и премиерот се две глави на извршната власт мислам дека уште посилни ќе бидеме, рече меѓу другото кандидатката за претседател во Ростуше.

 

 

Повеќе од интернет