Во тек е известувањето до Јавното обвинителство и Управата за финансиска полиција откако Вишиот управен суд ја потврди одлуката дека АД Д-р Пановски и Фарма Трејд склучиле забранет картел при јавна набавка на инсулин во 2016 година, изјави за МИА претседателката на Комисијата за заштита на конкуренција, Малинка Силјановска Николиќ. По ова, како што дополни, следува институционална координација за понатамошната постапка.

Силјановска Николиќ информираше дека иницијативата за предметот била покрената по барање на фармацевтската компанија Зегин, а Комисијата утврдила дека наведените претпријатија, меѓусебно, усогласено се однесувале, се договарале однапред кој која ставка да ја добие на начин што и двете доставиле понуди за двете ставки, но, на електронската аукција не ги намалиле цените, со цел едниот да ја добие едната ставка, а другиот другата ставка од набавката иако на претходно објавен јавен оглас имало значително намалување на цената при електронската аукција.

-Со ваквото усогласено однесување, односно договор, наведените претпријатија меѓусебно го поделиле тендерот во однос на набавката на овој лек, го добиле тендерот со повисока цена со што се сторила штета на државниот буџет, рече таа.

Дополни дека пресудата следува по три обиди во Управниот суд, а стигнува до Вишиот суд по жалбите на фармацевтските компании.

-Имаше управна постапка. Првично имавме поднесено решение, беше вратено, потоа Комисијата донесе решение за продолжување на постапката, кое повторно беше вратено од Управен суд и при третиот обид, Управниот суд го потврди решението од Комисијата. На тоа потврдување од Управен суд имаше жалба од фармацевтските компании и следствено предметот отиде на одлучување во Виш управен суд кој ја потврди одлуката на Комисијата, образложи таа.

Во однос на прашањето на што се однесувало враќањето на предметот, таа одговори дека тоа е одлука на судот и дека Комисијата нема одреден број на управни постапки кои можат да ги водат.

-Некогаш самите судови си носат одлука на кој основ, дали ќе ја уважат или не, меѓутоа, ние како институција имаме можност повеќе пати да го враќаме решението. Нема одреден број на управни постапки колку можеме да ги водиме, рече таа.

Со пресудата од Виш управен суд е потврдено решението на Комисијата со кое за учество во предметниот картел Комисијата изрекла прекршочни санкции глоба и тоа на АД Д-р Пановски во износ од 1.061.000 евра и на Фарма Трејд ДООЕЛ Скопје 721.000 евра. Висината на наведената глоба, како што информираа, е во корелација со штетата која е нанесена на буџетот на државата.

Компанијата АД Д-р Пановски вчера излезе со демант, наведувајќи дека не примиле пресуда и дека Управниот суд во претходните две постапки веќе утврдил дека не сториле никаков прекршок.

-Во интерес на објективно информирање на јавноста, сметаме дека е неопходно да потенцираме дека Управниот суд во две претходни постапки, два пати правосилно утврди дека АД „Д-р Пановски“- Скопје нема сторено никаков прекршок и со тоа ги отфрли наводите дека наводно била нарушена деловната конкуренција за посочената јавна набавка. Оттука, крајно сме изненадени и зачудени како е возможно за ист предмет, ист суд, да одлучи поинаку во трета постапка, стои во соопштението од компанијата.

Од комапнијата посочуваат и дека целосно е невозможно кои било фармацевтски компании тајно или јавно да договараат цени на лекови, бидејќи, според нив, тие се регулирани исклучиво од Министерството за здравство. Тоа значи, се додава понатаму, дека за споменатата јавна набавка АД „Д-р Пановски“ понудил цени во висина која предходно ја определиле ресорните надлежни институции.

-Согласно горе наведеното, нашиот правен тим се подготвува да ги искористи сите вонредни правни лекови пред домашните судови, но и да се обратиме пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, за правно вознемирување. Во меѓувреме ќе се обратиме и до претставниците на меѓународниот фактор во земјава, кои ќе ги информираме за оваа нарушена правна сигурност и загрозено владеење на правото, што практично ги отежнува околностите за нашето деловно функционирање, а со цел да се заштитат правата, интегритетот и деловната репутација на компанијата, посочуваат од  „Др. Пановски“.

Вишиот управен суд ја потврдил одлуката на Управниот суд и тужениот орган, оценувајќи дека фактичката состојба била правилно утврдена и дека биле применети соодветните законски прописи.

Според пресудата објавена во мај, годинава, АД Д-р Пановски и Фарма Трејд усогласено дејствувале при јавната набавка, фиксирајќи цени, што претставува прекршување на принципот на слободна конкуренција.

Судот ја отфрлил жалбата на компаниите, оценувајќи дека нивните наводи за недостиг на докази и застареност на постапката се неосновани.

Фото: Архива