„Ќе разговараме за времето на жените што доаѓа, како што знаете прва на листата за изборите за Европскиот Парламент ќе биде госпоѓата Урсула фон дер Лајен. Се работи за две личности кои се вистински икони, легенди во европското женско движење. Јас откако изразив и побарав поддршка од европското женско лоби, сега исто утре на средбите ќе побарам поддршка и од овие две госпоѓи“, истакна Гордана Силјановска Давкова, кандидат за претседател на Република Македонија од ВМРО-ДПМНЕ во изјава за вести на Алфа телевизија говорејќи дека очекува поддршка од Дорис Пак, почесната претседателка на женската организација и Розалија Диро, претседателка на женската организација на ЕПП.

„Зборувам за идеја што е многу актуелна, зборувам за спремност во рамките на европските народни партии да промовираат еднаквост, да ги поддржат жените кандидатки. И мислам дека неподелена радост е и неподелено очекување е дека кога жените се на чело на европските партии или кога жените имаат високи функции во европските институции, кога жените имаат високи функции во националните држави членки на ЕУ или кандидатите дека со право може да се очекуваат вистински реформски зафати“, рече таа.

Силјановска Давкова додаде дека најмногу се радува на средбата со подмладокот на ЕПП.

„Всушност најмногу се радувам на оваа средба, за една професорка најважно е да се сретне со младите впрочем и од Македонија со нас се претставнички и претставници на младите од ВМРО-ДПМНЕ“, укажа таа.

„Денес имаше и еден панел за дијалогот меѓу различни возрасти, за солидарноста, за поддршката на младите, за тоа дека ние најчесто возрасните или старите велиме дека иднината им припаѓа на младите меѓутоа мислам дека сегашноста треба исто така. Во сегашноста треба младите да се вклучат во одлуките бидејќи во таа синергија, во тој дијалог меѓу возрасните како носители на мудрост и искуство и младите како предвесници, носители на промени може да се дојде до вистински решенија“, нагласи Силјановска Давкова.