Пресудите на Меѓународониот суд на правдата во Хаг да бидат задолжителни за сите држави. Ова го побара македонската претседателка Гордана Силјановска Давкова како дел од поопсежни реформи на Обединетите Нации. Таа смета дека судот каде Македонија ја доби Грција, бидејќи пред 13 години ни го блокираа членството во НАТО, треба да има посилна улога.
-Меѓународиот суд на правдата мора да добие посилна улога, а неговите пресуди, да станат задолжителни за сите. Мора да се воспостави поинтензивна соработка и партнерство со граѓанското општество, да се зголеми транспаретноста на работата на сите органи и тела. Не мислам дека проширувањето на Советот за безбедност со неколку нови постојани членови, со ексклузивно право на вето, само по себе ќе значи поголема гаранција за мирот, за безбедноста иако ми е јасно дека односот на силите на глобалната сцена, денес не е оној од 1945 година, изјави Силјановска Давкова.
Оваа порака на Силјановска Давкова пристигна од Њујорк каде ОН го усвоија „Пактот за иднината“, чија цел е решавање на големите предизвици на 21-от век, од конфликтите до климатските промени и човековите права.
Во него се прецизирани 56 акции, вклучувајќи посветеност на мултилатерализмот, почитување на Повелбата на ОН и зачувување на мирот, а се повикува и на реформи на меѓународните финансиски институции и Советот за безбедност на ОН, заедно со обновување на напорите во борбата против климатските промени, промовирање на разоружувањето и насочување на развојот на вештачката интелигенција.
Забелешка за овој текст имаше заменик министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Вершињин, кој поднесе амандман, кој беше поддржан од Белорусија, Северна Кореја, Иран, Никарагва и Сирија, но со големо мнозинство беше отфрлен.
Дел од делегацијата на Македонија е и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски. Тој обраќајки се на Самитот на иднината на Интерактивниот дијалог на тема: „Зајакнување на мултилатерализмот за меѓународниот мир и безбедност“, порача дека светот мора да се справи со многуте закани кои ги има во денешно време.
-Иднината треба да биде предвидлива, просперитетна и без страв, а злото од војна и конфликти мора да остане во минатото. Самитот на иднината претставува можност за зајакнување на глобалното владеење и одговор на актуелните и идните предизвици. Пактот ни нуди траекторија за глобални акции и отвора пат за засилување на мултилатерализмот, изјави Муцунски.
За време на посетата на Њујорк предвидено е Силјановска Давкова и македонската делегација да остварат билатерални средби со повеќе државници, меѓу кои и средба на македонската претстедателка со генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш. Силјановска Давкова во Њујорк ќе има и обраќање на генералното Собрание на Обединетите нации.