Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова е во работна посета на Црна Гора по повод учеството на Балканскиот форум за интеграција 2025 што се одржува во Подгорица, во организација на Европското движење во Црна Гора и Министерството за надворешни работи и меѓународна соработка на Италија.

Сиљановска-Давкова ќе се обрати на сесијата „Претседателите за ЕУ интеграциите – Имаме ли план?“ и ќе оствари билатерална средба со претседателот на Црна Гора Јаков Милатовиќ.

– Во фокусот на Балканскиот форум за интеграција се геополитичките предизвици во светот, ЕУ и регионот на Западен Балкан, како и клучните области во евроинтегративниот процес: основните човекови слободи и права, владеењето на правото, доброто управување, безбедноста, борбата против корупцијата и организираниот криминал, информира Кабинетот на Сиљановска-Давкова.

Покрај државни функционери од регионот, на Форумот ќе учествуваат истакнати експерти за европски интеграции и претставници од бизнис-секторот.