Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, која синоќа присуствуваше на концертот на пијанистот Симон Трпчески во Рим во рамки на манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил“, изјави дека никој нема да ја заборави таа вечер и дека тоа е уште една потврда за моќта на културната дипломатија.
-Без зборови сум, прво амбиентот на ‘Хорти Салустијани’ е прекрасен, а да не говорам за Симон Трпчески и неговата група. Се разбира дека покрај Чајковски и Григ, настапија и со ‘Македонисимо’. Мислам дека без здив останаа сите присутни екселенции од амбасадите, претставници на нашата дијаспора не само во Италија, туку и од други држави, рече Силјановска – Давкова.
Според неа, „концерот беше за восхит, заедничко уживање“ на кое присуствуваа и министерот за култура Зоран Љутков заедно со свештениците, кои се дел од државно-црковната делегација во Италија.
-Мислам дека никој нема да ја заборави оваа вечер, тоа е уште една потврда за моќта на културната дипломатија, додаде Сиљановска – Давкова.
Таа посочи дека Италијанците се префинети кога е музиката во прашање, дека имаат вкус и строги критериуми, но смета дека после ова што го слушнаа „односот кон македонската култура ќе биде сменет“.
-А, јас повторно велам дека верувам дека покрај традиционалната дипломатија, културната дипломатија е нашето најмоќно оружје, истакна претседателката Гордана Силјановска – Давкова.
Во рамки на посетата на Рим по повод одбележувањето на Денот на сесловенските просветители, таа вчера положи венец пред спомен-плочата на македонски јазик во чест на делото на Светите браќа Кирил и Методиј која се наоѓа во базиликата „Санта Марија Маџоре“.
Сиљановска – Давкова и делегацијата го посетија и гробот на папата Франциск.
Македонската делегација во базиликата „Сан Клементе“ во Рим присуствуваше на молебен на гробот на Свети Кирил по повод чествувањето на 24 мај – Денот на сесловенските просветители, со кој чиноначалствуваа митрополитот Тетовско-Гостиварски господин Јосиф и епископот Стобиски, господин Јаков, во придружба на повеќе свештенослужители.
Претседателката Силјановска – Давкова утре во Ватикан ќе има аудиенцијата кај новиот папа Лав 14 и средба со кардиналот Пјетро Паролин.
Според програмата, предвидена е и средба со нејзиниот италијански колега Серџо Матарела.
Фото: Кабинет на претседателката Гордана Сиљановска Давкова