Претседателката Гордана Сиљановска Давкова во врска со смената на Републичкиот обвинител, Љупчо Коцевски, изјави дека во моментов е најважно да се остави Обвинителството да работи и да се справи со трагедијата која, како што рече, „ги засега сите граѓани“.

Мислам дека тоа е политички одговорно. Замислете ако вие после трагедија што цел живот ќе ја носиме, трагедија за која ни треба толеранција и единство за да се справиме, сега продолжите со барањето за оставка на јавниот обвинител, тогаш само ќе се комплицираат работите. Треба органот сега да се остави да работи и јас колку што гледам, постапува, рече таа.

Претседателката дополни дека и таа, како што рече имала критички забелешки и не се откажува од нив.

Но, мислам дека во моментов е најважно секој да си ја врши својата функција и надлежност, зошто, за да можеме да се справиме со проблемот што нѐ засега сите, трагедијата нѐ засега сите. Затоа, дури и во процесуирањето на одговорните, треба многу да внимаваме, изјави Сиљановска Давкова по Свечената академија по повод 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, што се одржа денеска во МАНУ.

По трагедијата што се случи во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која животот го загубија 62 лица, премиерот Христијан Мицкоски најави запирање на постапката за разрешување на јавниот обвинител, Љупчо Коцевски, со оглед на обемната истрага која што се води во врска со случајот.