Силно невреме од дожд со зрна од град поголеми од орев синоќа околу 23 часот ги зафати населените места во Општина Лозово, Дурфулија и дел од Каратманово. Уништени се лозовите и овошни насади, пластениците под раноградинарски култури.
Од силниот и голем град пробиени се и некои од азбестните покриви на куќите, оштетени се и голем број автомобили, искршени стакла, како и возниот парк на Општина Лозово, информира Бошко Цветковски градоначалник на Општина Лозово.
-Штетата е огромна посебно на овошките, лозовите насади и пластениците, кои буквално се столчени од силното невреме со големите зрна град поголеми од орев, појасни Цветковски.
Тој за утре во 8.30 најави итна седница на Советот на Општина Лозово, на која треба да се формира Комисија која ќе работи на терен за утврдување на штетите.
Ова е второ невреме во Општина Лозово за неколку дена. На 25 мај вечерта во 18 часот имаше невреме со силен ветер во кое беа откорнати дрва, покрив од куќа, настрешница од магацин, а имеше оштетени и жици од електромрежата во селата Милино, Сарамзалино, Дурфулија и Аџиматово, кои по неколку часа беа без струја.