Македонското здравство во изминатата година оди во добар правец и во правилна насока, смета Ристо Симеонов, специјалист по детска хирургија и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ. Ова го истакна зборувајќи на трибина организирана од ВМРО-ДПМНЕ која се одржува во Штип на тема „Реформи во здравството – Ги градиме темелите на промените“. Симеонов посочи дека ова го зборува затоа што многу е битно каков систем ќе наследите од претходно, а ние за жал од претходната власт наследивме нефункционален, не квалитетен здравствен систем, бунар без дно, во слободен пад, а со еден збор тотален хаос.

-И еве, за една година успеавме да одиме чекор напред од матичните доктори, гинеколози, стоматолози преку зголемување на капитацискиот бод. Реконструирани се повеќе од десетина болници и други здравствени институции. Набавена е нова опрема, меѓутоа опрема во функција, не опрема која што стои по ходници и фаќа прашина. Намалени се листите на чекање, пациентите добиваат поквалитетни и побрзи специјалистички и супспецијалистички услуги. Започнат е процесот за вработување на 600 млади доктори специјализанти, рече Симеонов.

Симеонов се осврна и на Штип, кој какошто рече за две, три години ќе биде готова Клиничката болница, ќе има нов медицински факултет, нов студентски дом и нова опрема.

-Овде во Штип има активни три до 4000 илјади студенти по медицина. Тоа е голема предност и ние мораме да инвестираме во тие студенти и ад ги насочиме правилно понатаму да добијат специјализација зависно од потребите на здравствениот систем овде во Штип и да останат да работат овде во Штип, додаде Симеонов.

Во рамки на вечерашната трибина „Реформи во здравството, ги градиме темелите на промените“, свое обраќање имаше доктор Марија Андоновска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и директорка на Институтот на јавно здравје. Андоновска истакна дека наследиле распаднати институции каде што воопшто не се размислувало за услугите и грижа за граѓаните. Таа додаде дека конкретно во Институтот, ниту една работа не била водена согласно законските прописи.

-Најдовме распаднати институции, каде што воопшто не се размислувало ниту за услугите, ниту за институциите, а најмалку за граѓаните. Секој тргнувал само од личниот интерес, ниту една работа што ја затекнав во Институтот не беше водена согласно законски прописи, се беше спротивно на законот, нагласи Андоновска.

Андоновска објасни дека со преземањето на Институтот, затекнале опрема којашто била купена скапо, но не се употребувала повеќе години. Таа информираше дека опремата веќе е ставена во употреба, се со цел граѓаните да може да се обратат во државните институции.

-Воведовме втора смена и сме единствената микробиолошка лабораторија којашто можат граѓаните да ја посетат и после работното време, вели Андоновска.

На трибината се обрати и Игор Мерџаноски, член на Комисија за здравство на ВМРО-ДПМНЕ и директор на ТОАРИЛУЦ. Тој истакна дека здравствениот систем се зајакнува со вложување во здравствените работници и дека тоа е направено со покачување на платите, со вреднување на трудот, посветеноста и борбеноста на медицинскиот кадар.

– Постигнавме историски договор за покачување на платите во здравството, во следните четири години платите на здравствените работници се зголемуваат за вкупно 50 отсто, тоа не е само бројка, тоа е директно признавање на нивниот труд, посветеност и одговорност. Од април оваа година реализиравме и зголемување на капитациониот бод на матичните лекари на стоматолози и гинеколози и ова е прв пат по долго време да им се даде сериозна поддршка на оние коишто се најблиску до пациентите-матичните лекари, подвлече Мерџаноски.

Тој од Штип порача дека се прават чекори, кои се од клучно значење за младите да останат да работат во Македонија, затоа што се вложува во подобри услови, подобри здравствени услуги, а со сето тоа се гради и посилен здравствен систем.

– Инвестираме во луѓе кои спасуваат животи, со ова враќаме достоинствено на медицинската професија, им покажуваме на младите дека иднината е тука, во нашите болници во нашите клиники и амбуланти. Но ова не е крај ова е долгорочна стратегија за посилен здравствен систем, рече Мерџаноски.