Пописот покажа дека процентот на албанско население во државата е 24,3 одсто. Тоа е официјалниот податок, базиран на резултатите за населението што живее во земјата. Со ова тврдење, директорот на Заводот за статистика, Апостол Симовски, го оспорува Балансерот на Министерството за информатичко општество, кое пресмета дека во секоја јавна институција една третина од вработените треба да бидат Албанци.

Албанците се 24,3 одсто согласно податоците од Пописот, што е дел од категорија вкупно резидентно население. Оваа категорија е клучна и ги дава состојбите во земјата, изјави Симовски.

Пописот на резидентното население е реализиран согласно меѓународните стандарди и препораките на Обединетите нации, потсетува Симовски. Нашата земја се обиде да обезбеди и податок колку лица, кога и зошто се иселени, но тие податоци се нецелосни од различни причини.

Во глава 8 од Препораките на Обединетите нации стои дека земјите кои имаат проблем со емиграција можат, ако за тоа имаат интерес – а ние имаме и тоа како голем интерес, да прибираат податоци и за лицата кои се надвор од државата, со тоа што не смеат да ги стават во истата категорија со резидентното население, објаснува Симовски.

За Статистика е особено спорно и противуставно импутирањето етничка припадност на 6,4 одсто кои самите лично не се изјасниле што се.

Министерството за информатичко општество се јави во Заводот пред да го објави Балансерот. Јас не бев тука, разговараа со моите колеги. Им беше кажано која категорија е клучна. Што понатаму презело, не знам и не можам да дадам одговор, одговара Симовски на прашањето дали сега ќе преземе нешто.