Лазе Георгиевски по педесети пат маршираше за работничките права. Почнувајќи од далечната 1974-та, секоја година, на први мај излегува на улица заедно со работниците. И по 50 години, со истиот жар и енергија, како да му е првпат, го крена својот глас и повика на работничко обединување, поголеми плати и достоинствени услови за сите, објавува ТВ СИТЕЛ.

„Ова ми е 50-ти марш мене овде. Затоа добив и плакета од Сојуз на синдикати. Синдикатите да се спојат. Сите синдикати се некаде околу 300 илјади. И нашите пензионирани синдикати се уште 300, тоа се 600 илјади. Таа е една маса што може да направи голема промена во оваа држава“, изјави Лазе Георгиевски.

Традиционалниот првомајски марш тргна точно во 11 часот пред работничкиот дом. Оттаму се упатија кон Собранието, каде кренаа црвен картон за пратениците.

„Зарем работникот не заслужува да му биде платен превозот, како на господата позади што седат? Само нивните ли автомобили трошат горива? Не им попуштаме. Постојано ќе продолжиме со истиот притисок“, изјави Томислав Гиевски, Претседател на независниот синдикат за образование

„За неколку дена кога ќе се наполни собранието, немој да мислат дека ова што денеска го правиме, нема да го продолжиме“, рече Гоце Делчев од НСП.

„Со големо „уа“ да ги поздравиме и да им порачаме дека во иднина не може без нас. Да живее Македонија“, истакна Игор Ѓерасов, Претседател на СИЕР

Пред Стопанската комора порачаа дека газдите нема да опстојат без работниците, младите не можат да се одлучат на семејство со договорите на дело и дека платите на работниците не се доволни за пристоен живот.

„Да знаат дека оваа држава и компании се изградени од работничка крв и пот. Да знаат дека не се живее со 22.500. И да знаат уште многу работи после ова: лопови, лопови, лопови!“, порача Иван Пешевски од ССМ.

Маршот заврши на Илинденска. Таму рекоа дека после 8 мај, кој и да дојде во владата, треба да ги исполни нивните барања уште во првите 100 дена.

„Бараме најниската плата да биде иста со платите во регионот, односно минимум 450 евра. Бараме враќање на загубеното право во 2009-та година, додаток за храна и превоз“, изјави Столе Кашиковски од СУТКОЗ.

„Во минатата година, а и оваа година, не знам колку пати бевме тука пред оваа зграда и не знам какви се барања не испорачавме. Од тие барања, и за повисоки плати, и за подобри права, овие позади не не слушаа“, порача Трпе Деаноски, УПОЗ.

„Не сме задоволни од ниту една влада досега. Не сме задоволни затоа што водат грижа само за себе, а не се грижат за работниците, пензионерите и граѓаните. Не сме задоволни поради тоа што покажаа дека само за нив важат правилата во државата, а за нас не“, рече Слободан Трендафилов од ССМ.