Синдикатот на вработените во Клиничкиот центар реагира на предложеното зголемување на месечното паркирање за вработените на паркинг местата во комплексот клиники „Мајка Тереза“ и бара од министерот за здравство Венко Филипче да го искористи својот личен и авторитетот на институцијата за надминување на овој проблем.
Според синдикатот, најавеното зголемување на цената за паркинг услуги најмногу ќе ги погоди вработените во Клиничкиот центар кои земаат нето плата од 12.503 денари.
– Истовремено, доколку Советот на Град Скопје го изгласа овој предлог на ЈП „Градски паркинзи“ и истиот почне да се применува, планираното покачување на платата на оваа категорија вработени од 5 проценти за 2019 година, почнувајќи со септемвриската плата само по овој основ, практично се сведува на 0 проценти, велат од Синдикатот, додавајќи дека предложеното покачување на паркинг просторот во кампусот клиники ќе се одрази и во намалување на планираниот процент на покачување на платите за 2019 година и на сите други профили вработени во Клинички центар.
Од Синдикатот велат дека доколку доколку се изгласа предлогот на ЈП „Градски паркинзи“, тогаш ќе бидат принудени да преземат соодветни мерки за заштита на правата на своето членство.
На денешната седница на Советот на Град Скопје треба да биде разгледана Предлог-одлуката со која се предлага зголемување на месечното паркирање на 800 денари за вработените од Клиничкиот центар.