Сојузот на синдикати се жали, дека министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев се меша во работата на организацијата и врши притисок. Претседателот на ССМ, Дарко Димовски посочи дека на состаноците во синдикатот, присуствувале и инспектори од МВР. Дополнително два пати бил викнат во полиција за кривична пријава против него, за која вели дека е иницирана од неговиот претходник, Живко Митрески.
„Се врши полициски притисок, не сакам да верувам дека е политички притисок. Ние немаме ништо против никоја политичка партија. Ние си ја спроведуваме нашата програма и цел. Ги застапуваме само работничките права и тие работнички права да се подобрат“, рече Дарко Димевски, Претседател на ССМ.
На притисок од Чулев се пожали и претседателот на Полицискиот синдикат, Марјан Кицев. Биле на средба со министерот за внатрешни во месец март каде тврдат добиле закана дека ќе се формира нов полициски синдикат. На втори месецов МВР склучило соработка со паралелниот нов синдикат.
„Некаде во текот на месец март добивме директна закана, цитирам: Доколку не прекинете да го напаѓате министерот и неговиот тим ќе ви формираме трет синдикат и нема да броите 8500, туку ќе ве направиме на 4 илјади членови и за кратко време ќе ве нема од синдикалната сцена“, вели Кицев.
Министерот за внатрешни Наќе Чулев реагира, дека денешниот настап на ССМ е политички мотивиран а според него партиски координирано раководство не може да ги штити правата на работниците.