Синдикатот на „Југохром“ денеска на прес-конференција во Скопје ќе ги презентира своите аргументи за, како што велат, вистината за комбинатот.
Производството во фабриката, која се наоѓа во тетовско Јегуновце, беше прекинато бидејќи немаше поставено филтри за прочистување на воздухот.
Од Владата се категорични дека се додека не се постават филтрите не може да почне со работа „Југохром“, иако овој комбинат е важен за Полошкиот регион.
– Јасен е ставот на Владата, „Југохром“ неможе да проработи ако не ги задоволи еколошките стандарди, изјави вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на почетокот на месецов.
Притоа, напомена дека Југохром веќе ги поставува филтрите и целиот процес треба да заврши до октомври-ноември годинава. Компанијата, согласно финансикиот план, мора да обезбеди уште еден милион евра, а ако тоа го стори, Владата ќе и помогне со кредит од дополнителни 1,5 милиони евра од Македонската банка за поддршка на развојот, со што ќе може да се заокружи процесот во целост.
– Договорено е Југохором да ги постави филтрите. Сопственикот на компанијата се соочуваше со одредени финансиски тешкотии околу имплементација на проектот. Ја разгледавме ситуацијата и констатиравме дека постои физибилност, комбинатот да работи, поготово со сегашната конјуктура на цените на металите на светските берзи. Може да работи профитабилно и да остварува профит, изјави тогаш Анѓушев.
Вработените во „Југохром“ неколкупати досега протестираа и бараа помош од Владата за повторно рестартирање на фабриката.
Фабриката за производство на феролегури „Југохром“ произведува феросилициум, легура која главно се користи како суровина во челичната индустрија. Работењето на фабриката има значајно влијание врз економијата учествувајќи со 0,9 проценти во БДП. (МИА)