Фирмата на Јордан Мијалков, „Бест веј инвестмент“ е новиот сопственик на трите стана и гаража на Водно, конфискувани од неговиот татко, екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, во случајот „Империја“, пишува „Призма“.
Овој имот беше продаден во ноември на јавно наддавање преку Агенцијата за управување со одземен имот, од каде што пред продажбата свикаа и прес-конференција, на која се пожалија дека биле заплашувани од страна на сопственици на имотот при обидите за продажба.
Како сопственик на „Бест веј инвестмент“ се води постариот син на Сашо, Јордан Мијалков. Фирмата е формирана есента во 2015 година, во екот на политичката криза, поради објавувањето на прислушуваните материјали за кои Сашо Мијалков беше обвинет како поранешен прв човек на УБК.
Директорот на Агенцијата за управување со одземен имот, Дритон Небиу кон крајот на ноември 2023 година, информираше околу продажбата на четири недвижности на поранешниот директор на ДБК, кои се одземени со правосилна судска пресуда. Продажбата се одвивала по пат на аукција.
-Три станови на улица Славејко Арсов и гаража од 30м2. За недвижностите имаше наддавање и истите завршија успешно. Со тоа, во државниот Буџет ќе бидат уплатени парични средства во вкупна вредност од 332 илјади и 276 евра. Ја информираме јавноста дека продолжуваме понатаму по истиот пат и ќе објавиме оглас за продажба и на други надлежности, рече тогаш Небиу на прес-конференција.
Претходно беа продадени три недвижности од имотот на Мијалков, во вкупен износ од 15.000.500 денари или 244.000 евра, според информациите од Агенцијата.
Агенцијата во август годинава објави оглас на кој беа понудени дел од конфискуваните недвижнини од Мијалков за случајот, а наддавањето беше закажано за 25 август.
На продажба беа понудени два стана во Охрид, од кои едниот со површина 65 квадратни метри, чија вредност од Бирото за судски вештачења е проценета на 5 775 234 денари или околу 94 илјади евра. Другиот стан, кој е во иста зграда, е поголем, со површина од 114 квадратни метри и е проценет на 9 032 505 денари (околу 147 000 евра). Земјиштето од 56 818 квадратни метри кај Морани во Општина Студеничани беше понудено со почетна вредност од 17 045 421 денари или околу 277 000 евра, додека плацот кај местото Џибарица на Кожуф од 321,81 квадратни метри беше проценето на 29 686 денари или нешто помалку од 500 евра.
Порашениот шеф на ДБК призна вина во случајот „Империја“ и се спогоди со Обвинтелството, а казната беше три години затвор и одземање на имот вреден околу 30 милиони евра, меѓу кои 25 станови и парцелата до хотелот „Мериот“.
Случајот „Империја“ го отвори поранешното Специјално јавно обвинителство уште во 2018 година, за злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари и други приноси од казниво дело.
Во истрагата беа опфатени 19 лица, но дел од нив во меѓувреме признаа вина и се спогодија со Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, за дел постапката беше прекината поради застарување, а за дел имаше решенија за запирање на постапката.