Пентагон соопшти дека американските трупи во Сирија биле на удар на турската артилерија во градот Кобане, област за која Турците знаат дека се присутни Американци.
Портпаролот Брук ДеВолт изјави дека турски гранати експлодирале на неколку стотина метри од американските војници. Тој изјави дека нема повредени меѓу Американците и дека тие не го напуштиле Кобане.
Турција информира дека американските војници не биле цел и дека нејзините сили само одговориле на митралески и минофрлачки напад врз турски граничен пункт, што дошол од правецот на Кобане.
ДеВолт предупреди дека Турција мора да избегнува дејства што можат да доведат до одбранбени реакции на САД. Турското Министерство за одбрана соопшти дека го запреле нападот кога стапиле во контакт со САД.
Во меѓувреме, стравувањата на меѓународната заедница дека турската офанзива во Сирија може да доведе до воскреснување на т.н. Исламска држава, беа потврдени од експлозијата на две автомобил-бомби пред еден ресторан во центарот на градот Камишли, кој е под контрола на Курдите. Во експлозиите загинаа три лица, а екстремистите ја презедоа одговорноста за нападот.
Исто така, турските сили жестоко го гранатираа Камишли, при што беше погоден затвор во кој се наоѓаат припадници на терористичката Исламската држава, соопштија курдските власти во Сирија. Тие објавија видео на кое се гледа граната како паѓа во двор, а неколку секунди подоцна, неколку луѓе ја отвораат вратата, обидувајќи се да избегаат од затвор.
Подоцна беше соопштено дека петмина терористи избегале од затворот.