Најмалку три лица загинаа кога ирански танкер со нафта бил нападнат крај сирискиот брег, во првиот напад од ваков вид од почетокот на граѓанската војна.
-Најмалку тројца Сиријци се убиени, вклучувајќи и двајца членови на екипажот, изјави Рами Абдел Рахман, шеф на сирискиот Центар за мониторинг на човекови права со седиште во Велика Британија.
Засега не е јасно кој го извршил нападот.
-Не знаеме дали Израел стои зад ова, изјави Рахман.
„Иранскиот танкер дошол од Иран и не бил многу далеку од пристаништето Баниас во Сирија“, додаде Рахман, наведувајќи дека не е познато дали во нападот биле користени дрон или проектил.
Сириското Министерство за енергетика вчеравечер соопшти дека пожарот на танкерот со нафта е изгаснат.
Во крајбрежниот град Баниас постои рафинерија, која заедно со онаа во Хомс покрива значителен дел од домашната побарувачка за дизел, гориво за греење, бензин и други нафтени деривати.