Заврши втората заедничка копнена патрола на Турските вооружени сили (ТСК) и Вооружените сили на САД во рамките на првата фаза за воспоставување безбедносна зона во Сирија, источно од реката Еуфрат, јави агенцијата Анадолија.
Втората заедничка патрола на силите на Турција и САД во насока на воспоставување безбедносна зона во Сирија, беше составена од две фази, организациска и акциска фаза.
Конвојот составен од четири оклопни возила на Турските вооружени сили (TSK), кои извршија подготовки во јужниот дел на подрачјето на Акчакале во Шанлиурфа, со турски знамиња, ја премина границата и му се приклучи на конвојот на САД, кој чекаше од сириската страна.
Турските и американските команданти се состанаа на граничната линија, каде што разговараа за планот за патрола што извесно време ќе се врши во овој предел. Воениот конвој потоа се движеше кон местото Сулук, кое се наоѓа околу 15 километри источно од тоа место.
Заедничката патрола траеше околу 3,5 часа, информира Анадолија.
Турскиот конвој по завршувањето на патролата се врати на граничната линија.
Турските вооружени сили (ТСК) и Вооружените сили на САД претходно имаа реализирано копнена патрола и изведоа шест лета со хеликоптер. Првата заедничка копнена патрола на 8 септември, источно од Еуфрат, траеше околу три часа.