Сирија го повика Советот за безбедност на Обединетите нации да одржи итен состанок за Голанската висорамнина.

Повикот на Сирија следеше по контроверзната одлука на американскиот претседател Доналд Трамп да го признае израелскиот суверенитет над окупираната Голанска висорамнина.

Трамп во понеделникот потпиша претседателски указ со кој службено го признава Голан како израелска територија.

Според ОН, правниот статус на Голан останува непроменет и покрај потегот на Трамп, така што и натаму се смета за „окупирана територија“ според меѓународното право.

Израел ја окупираше Голанската висорамнина на Сирија за време на арапско-израелската војна во 1967 година и продолжи да зазема околу две третини од подрачјето на Голанската висорамнина како резултат на судирот.

Израел во 1981 година формално ја анектираше таа територија, што во тоа време едногласно го отфрли Советот за безбедност на ОН.