Системот за санкционирање на сообраќајни прекршоци „Безбеден град“ официјално ќе започне да функционира од февруари идната година. Тоа значи дека стартот на проектот ќе биде одложен за еден месец во однос на првичните најави дека ќе стартува од јануари.

Можноста за одложување неодмна ја најави министерот Панче Тошковски, по стартот на тест периодот, кој укажа дека на повеќе функционалности ќе им треба унапредување.

Како што најавува МВР, „Безбеден град“ во февруари ќе започне да работи во Скопје, Тетово и Куманово, како и на делници од автопатските коридори 8 и 10, потврди Министерството за внатрешни работи за „360 степени“.

Системот ќе функционира со фиксни камери, кои ќе регистрираат брзина на движење, поминување на црвено светло и нерегистрирани возила, а ќе биде дополнет и со специјализирани полициски возила опремени со уреди за снимање, кои ќе се движат низ градовите и ќе документираат непрописно паркирање и други прекршоци.