РЕК Битола не произведува струја. Од Државните електрани информираат дека утринава поради активирана заштита бил исклучен вториот блок, а 6 минути подоцна и првиот, поради активирање на заштитата на трансформаторот за сопствени потреби. Од компанијата додаваат дека поради навременото активирање на заштитата не била причинета штета. Исклучувањето било причинето од надворешни фактори, кои дополнително ќе се утврдуваат.
„Во моментов течат операции за повторно вклучување на Битола 1 во електроенергетската мрежа. Веднаш по синхронизацијата на Битола 1 во електронергетскиот систем, во текот на денот ќе почнат операции за вклучување на ТЕ Битола 3, кој согласно планот за производство изминатите денови не беше во функција“ – АД ЕСМ.
Од опозицијата обвинуваат дека власта лошо менаџира со енергетскиот сектор.
„Новото раководство на ДПМНЕ пред да седне во фотелјите ветуваше работа со три блока и со 100 посто домашно ископан јаглен во рудникот, а сега нема ништо од тоа. Во РЕК се троши повеќе увозен отколку ископан домашен јаглен а кога не работи се увезува скапа струја“ – СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека токму криминалните шени на претходната власт предводена од СДСМ и ДУИ системски го уништиле енергетскиот сектор. Новото раководство веднаш ги детектирало проблемите и работело на нивно санирање.
„Испадот на РЕК Битола од мрежата е директна последица на неправилното, несоодветно и криминално одржување на блоковите од страна на криминалните СДС и ДУИ. Тоа веќе го потврдуваат и надлежните институции кои покренаа и обвинение против првите лица на РЕК Битола за сторен криминал во вредност од шест и пол милиони евра“ – ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку, ова не е првпат да бидат исклучени блоковите на РЕК Битола. Во изминатите години, комбинатот ретко работеше со два, а уште помалку со сите 3 блока. Се случуваа чести испади на мрежата, што го нарушуваа редовното производство на струја.
За потсетување, новата власт еднострано го раскина договорот со контроверзната Марковски компани која со години вршеше ископ на јаглен во РЕК Битола, а моментално тече јавен оглас за изнаоѓање на нова компанија. Фирмата на почесниот белоруски конзул стана омилена на претходната власт за делење тендери. Фирмата добила дури 66 тендери со „АД ЕСМ“, во вредност од 141 милион евра. Највредните од нив беа доделени непосредно пред изборите. Екс директорот на ЕСМ Васко Ковачевски е осомничен за несовесно работење, а надлежните очекуваат за РЕК Битола да се отворат и други криминални случаи.