Шампионот во Премиер лигата, Манчестер Сити излезе со компромисно решение за летниот преоден рок во Англија.
За време на состанокот на сопствениците на 20-те клубови, претставници на „граѓаните“ посочија екипите на првенството да можат да прават зделки со странски екипи до крајот на август.
Ова вклучува купување и продажба на играчи, а до сега клубовите од Премиер Лигата можеа само да продаваат играчи во други земји откако ќе се затвореше трансфер прозорецот во Англија.
Сити исто така посочува дека домашните зделки меѓу клубовите од Премиер Лигата треба да бидат направени до четврток пред првото коло за да се зачува интегритетот на првенството.
– Ми се допаѓа да се затвора прозорецот пред почетокот на сезоната. Можеби има решение, но ние сме во неповолна позиција со другите тимови во Европа, така што ова е добра идеја, изјави менаџерот на Сити, Пеп Гвардиола.
Трансфер прозорецот во Англија веќе се затвора во неделата пред почетокот на Шампионатот. Обично сезоната започнува пред средината на август, а клубовите во поголемите европски првенства можат да склучуваат зделки до крајот на месецот, што ги става во неповолна позиција екипите на Премиер лигата.
Според британските медиуми, предлогот треба да се расправа на состанокот во ноември, а можно е гласањето да се случи во февруари.