Башким Селими е избран за нов претседател на Советот на јавни обвинители (СЈОРМ), одлучи Советот на денешната седница. Селими досега ја извршуваше функцијата заменик претседател на Советот. За нов заменик претседател беше избрана Маријана Илиевска.

Предлогот за избор на Селими беше поднесен од членот на Советот, Зорица Павловиќ и беше поддржан со осум гласови „за“ од вкупно 11 членови. При гласањето имаше три неважечки ливчиња.

-Фала на поддршката, и тие што не гласале ќе бидат со мене, заедно ќе работиме. Како второ сакам да се заблагодарам на досегашната претседателка, додека го водеше Советот заеднички се боревме сите и понатаму ќе се бориме заеднички и ќе излеземе на добри патишта, рече Селими.

За заменик претседател на Советот, Селими ја предложи членката Маријана Илиевска, а предлогот беше едногласно поддржан.

Изборот следи по престанокот на функцијата на претходната претседателка, Душица Димитриеска, поради истек на мандатот на 1 октомври годинава. Ова беше констатирано на 28-та седница на Советот одржана на 30 септември. Тогаш изборот на нов претседател беше одложен поради одржувањето на локалните избори.

На денешната седница, членот Ардијан Демири, при утврдување на дневниот ред, побара одложување на одлуката за избор поради реформските закони кои се во собраниска процедура, пред сѐ поради новиот закон за јавни обвинители, кој се очекува да биде донесен до крајот на декември.

Демири истакна дека 20 дена не би играле улога за комплетирање на Советот и дека донесувањето на новиот закон би им овозможило на членовите од редовите на Собранието рамноправно со другите колеги да кандидираат и да бидат предложени и избрани за претседатели на Советот.

Овој предлог беше поддржан само од четири членови, со што не беше усвоен.

На денешната 32. седница претходно беше донесена одлука за престанок на функцијата јавен обвинител по сопствено барање за јавниот обвинител Мустафа Хајрулахи. Исто така, беше формирана Комисија за спроведување на стратегијата за комуникација и транспарентност за 2025 – 2028 година. (МИА)