Иако официјалната реконструкција на спомен домот во Разловци започна во 2015, сепак, освен поставувањето црна книга на покривот на уметничкото здание на архитектот Георги Константиновски, друго ништо не е направено, па објектот како што информира разловчанецот Ѓорѓи Скакарски и понатаму останува да пропаѓа со секој изминат ден.

-Спомен домот на Разловечкото востание е изграден во 1981 година, меѓутоа од изградбата до денес многу малку е инвестирано во одржувањето. Враќајки се наназад во државата поставени се споменици на многу личности, но во Спомен домот во селото каде се случил првиот организиран револуционерен отпор, за жал многу малку е направено за негова заштита. Спомен домот се наоѓа во фаза на распаѓање, кровната конструкција е покриена со многу слаб квалитет и редно време е да се превземе нешто за негова заштита, истакна Скакарски.

На 19 мај ќе се одбележат 143 години од Разловечкото востание, но како што вели Ванчо Спасевски кој е надлежен за библиотеката која работи во состав на домот, грдата слика за лошата состојба во која се наоѓа домот најверојатно ќе остане и годинава.

-Јас повеќе години сум дел од овој дом и можеам да кажам дека низа години наназад никој не презема мерки тој да се санира или нешто посериозно да се направи. Затоа давам апел до надлежните да се погрижат и да се санира домот како што треба, вели Спасевски.

Од општина Делчево пред медиумите истакнаа дека се прават напори ова значајно здание кое го чува споменот на периодот на револуционерните борби од пред 150 години да биде сочувано од заборав.

-Тоа може да се случи единствено ако санацијата, која започна пред четири години продолжи и во наредниот период. Бидејки не сме сопственици на објектот, во консултации со Министерството за култура и согласно законските норми за ваквите градби, ќе бараме изнаоѓање конечно решение за негова заштита, велат од општината.

Според официјалниот допис од Министерството до неколку медиуми, објектот во Разловци нема формално – правен статус на споменик на културата, поради што во моментот е исклучена можноста да биде спроведена постапка за негова санација.

Разловечкото востание во македонската историја е забележано како организиран отпор на македонското население против Османлиската власт. Во крајот на 19 век Османлиската држава била во тешка социо-економска криза. Даноците биле зголемени, власта станувала пожестока и ја злоупотребувала нејзината позиција на моќ. Поради ваквата состојба Димитар Поп Георгиев Беровски и дедо му Поп Стојан биле главните организатори на Разловечкото востание.