Нов скандал ја тресе македонската дипломатија, овој пат со амбасадорот во Вашингтон Зоран Попов, кој пред да биде именуван беше претседател на комисијата за надворешна политика на СДСМ, обвинуваат денеска од ВМРО-ДПМНЕ,
-Имено новоименуваниот амбасадор во Вашингтон, Зоран Попов си изнајмил резиденција за преку 6.000 долари месечно во ексклузивен дел на Вашингтон, Бетезда, иако во склоп на амбасадата има резиденција за амбасадор каде што живееја сите амбасадори до сега. Попов не сакал да живее во резиденцијата, затоа што не му се допаѓало, па си избрал луксузно сместување. На оваа сума има плус режиски трошоци од 1.000 долари кои доколку живее во резиденцијата во наша сопственост нема да ги има или ќе бидат минимални. Платата му е 5.000 долари, а си земал стан од преку 6.000 долари. Со што ги заслужи овие луксузирања Зоран Попов? Што сработи во изминатиот период?, прашуваат од опозициската партија.
Тие додаваат дека МНР треба да ја испита, како што велат, ваквата раскалашеност и да побара одговорност од Попов, бидејќи во услови кога граѓаните едвај врзуваат крај со крај недозволиво е некој непотребно да троши народни пари во Вашингтон.