„Сериозен скандал го одбележа годишниот натпревар за убавина на камили во Оман, откако дури 20 учеснички беа дисквалификувани поради користење ботокс и други забранети козметички интервенции“, напиша британскиот дневен весник Дејли мејл (Daily Mail).

Според информациите, за време на рутинските прегледи пред финалното оценување, жири комисија утврдила дека дел од животните биле подложени на третмани да се подобри нивниот изглед. Откриени биле инјекции за ботокс за зголемување и обликување на усните, носот и вилиците, вбризгување силикон во грпките, како и употреба на хормони за поттикнување на мускулната маса.

Натпреварите за убавина на камили имаат исклучително значајна културна и економска улога во земјите од Персискиот Залив. Тие привлекуваат илјадници животни од целиот регион, а сопствениците се натпреваруваат за престижни титули и награди што достигнуваат милионски износи. Во таква конкурентна атмосфера, некои одгледувачи, очигледно, решиле да ги зголемат шансите за победа преку недозволени методи.

Одгледувањето камили претставува голема и профитабилна индустрија во регионот, каде што овие животни имаат историско, културно и економско значење. Токму затоа ваквите натпревари се следат со огромен интерес, а правилата за учество се строго дефинирани. Ова не е прв случај на дисквалификација поради таканаречени „инјекции за убавина“. Во 2021 година, на изложба во Саудиска Арабија биле откриени повеќе од 40 камили кои биле третирани со ботокс. Тој случај предизвикал широка дебата за етичноста и регуларноста на вакви настани.

Организаторите на Фестивалот Омани Камел клаб (Omani Camel Club) соопштија дека се цврсто решени да стават крај на сите облици на измама и манипулација. Тие најавија засилени контроли, построги инспекции и строги санкции за сите што ќе се обидат да ги прекршат правилата во иднина. Скандалот во Оман повторно ја отвори темата за границите на натпреварувачката амбиција и потребата од строга регулација во индустријата што комбинира традиција, престиж и огромни финансиски интереси.

Фото: Архива