Француските медиуми ја оквалификуваа како „скандал“ информацијата дека поранешниот телохранител на претседателот Емануел Макрон – Александар Бенала користел дипломатски пасош при деловни посети на Африка.
Француското Министерство за надворешни работи соопшти дека истражува какви правни чекори да преземат доколку се докаже дека Бенала продолжил да го користи дипломатскиот пасош, откако во септември пред француските сенатори изјави дека го оставил во Елисејската палата.
Претходно оваа недела се појавија и други прашања околу неговата личност, откако се дозна дека на почетокот на месецот патувал во Чад и наводно се сретнал со претседателот на таа држава Идрис Деби, само неколку недели пред посетата на Макрон.
Во средата Елисејската палата негираше дека Бенала и натаму е поврзан на каков и да е начин со канцеларијата на претседателот.
„Што и да прави господин Бенала, тој не е ниту официјален ниту неофицијален пратеник на претседателот. Ако сам се преставува за таков, греши, се наведуива во соопштението од Кабинетот на претседателот..
Бенала рече дека бил во деловна посета и оти е „шокиран и скандализиран” од објавите во медиумите.
Во јули тој беше отпуштен од страна на претседателот, откако се појави видео снимка на која носи полициски шлем и, како што изгледа, напаѓа човек за време на протест на 1 мај.