Белгиската полиција истражува дали членови на поранешната владејачка партија, Нова фламанска алијанса (Н-ВА) нелегално продавале хуманитарни визи во Сирија и Ирак, јави МИА во Брисел.

Антимигрантската десничарска Н-ВА до пред еден месец беше дел од белгиската Федерална влада, но одлучи да ја напушти владината коалиција поради решението на премиерот Шарл Мишел да го потпише Договорот на ОН за миграција.

Обвинителството во Антверпен соопшти дека федералната полиција истражува дали имало трговија со луѓе, злосторничко здружување и пасивна корупција во случајот со општинскиот советник од Н-ВА, Меликан Куџам.

Според обвинителството, Куџам добил огромни суми пари за да им овозможи на жители од конфликтни зони во Сирија и Ирак да добијат приоритетни хуманитарни визи за Белгија.

Аферата ја разбранува белгиската политичка сцена.

Во времето кога Куџам ги обезбедувал овие визи, белгиски државен секретар за азил беше неговиот сопартиец Тео Франкен, фламански националистички политичар кој донесе низа рестриктивни мерки за миграцијата и чија партија редовно води кампањи против мигрантите во Белгија.

Друг проблем е што одлуката за доделување на хуманитарни визи во Белгија е дискрециона одлука на државниот секретар. Франкен се брани и вели дека e шокиран и не знаел за шемите на Куџан.

Обвинителството во Антверпен истакна дека поранешиот државен секретар не е дел од истрагата и дека за сега нема елементи против него, но белгиските политичари се сомневаат дека тој не знаел за бизнисот на неговиот сопартиец.

Покрај судската истрага се отвора и истрага во Бирото за странци на Белгија, со кое раководеше Франкен, за да се утврди точната процедура на доделување хуманитарни визи.

Наследничката на Франкен, Маги Де Блок, најави нови мерки за хуманитарните визи, со кои се забранува посредници да поднесуваат барања за визи и ќе се разгледуваат само барањата поднесени преку Високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНХЦР).

– Советот на министри е запознат со судската истрага за можен шверц на хуманитарни визи, имаме доверба дека судството ќе си ја заврши работата. Доколку фактите бидат утврдени ова ќе биде посебно страшно и шокантно, искоментира кусо белгискиот премиер Мишел.