Американката Кандес Клејборн, поранешна вработена во американскиот Стејт департмент, призна дека е виновна за обвинувањата за ковање заговор при соработка со кинески агенти, соопшти американското Министерство за правда.
Како што наведе Министерството, Клејборн е обвинета дека ги лажела полициските службеници и ги криела контактите со кинеските агенти и подароците што ги добивала од нив, а на кои за возврат им доставувала интерни документи од Стејт департментот.
Меѓу подароците кои ги добивала биле пари, одмори во странство, чланарина за кинеско модно училиште, целосно опремен стан и месечна стипендија, се вели во соопштението во кое се истакнува дека дел од подароците ѝ биле лично давани на Клејборн, а другиот дел на близок член на нејзиното семејство, кој не е именуван.
Во замена за подароците, Клејборн обезбедувала копии од интерни документи за голем број теми – од економски стратегии до посети на високи претставници, додава Министерството за правда.
На Клејборн ѝ се закануваат до пет години затвор.