Експерти предупредуваат дека antivax (невакцинација) движењето што го поддржуваат и поттикнуваат социјални медиуми и десничарските популисти, ги загрозува човечките животи и е можна причина за епидемија на сипаници, од кои во 2018 година најмногу луѓе заболеле во изминатите 20 години.
Најновите податоци на Светската здравствена организација покажуваат дека во крајот на оваа година во Европа се регистрирани 60.000 случаи на сипаници и 72 смртни случаи од сипаници. И бројот на заболени и бројот на починати од сипаници е двојно зголемен во однос на претходната година.
Поради се поголемиот број луѓе кои се скептични на вакцинирање, намалена е бројката на вакцинирани против сипаници, ХПВ, грип и уште неколку други болести.
Комесарот на ЕУ за здравство, кардиохирургот Витенис Андриукаитис, ги обвини десничарските популисти за пласирање лажни вести за безбедноста на вакцините и потоа подгревањето атмосфера на сомнежи и скепса.
– Целата научна заедница е сериозно загрижена – педијатри, епидемиолози, инфектолози, министри за здравство. Неверојатно е денес луѓе да умираат поради сипаници, а ветивме дека до 2020 година Европа ќе биде без таа болест, изјави Андриукаитис за Гардијан.
Шефот на глобалната алијанса за вакцини, Сет Бреклеј вели дека скептицизмот е еднакво заразен како и самата болест.
– Против тоа тешко е да се вакцинирате бидејќи во светот сега не постои некој стабилен авторитет кој сериозно би ги преиспитал фактите, па имаме атмосфера во која лажењето е ОК, вели Беркли.
Во многу држави десничарските популисти даваат јавна поддршка за невакцинирање и се залагаат родителите сами да одлучат дали ќе ги вакцинираат своите деца или не, па дури и во држави каде е тоа обврзно пред запишување во школо.
– Тие се многу неодговорни. Што друго може да се види во тоа популистичко движење? Само неодговорност. Ќе биде интересно да се гледа што тие ќе направат за тоа прашање кога ќе дојдат на власт. Што ќе направат за прашањето за сипаниците оние кои од самиот почеток посегнуваат за лажни вести, додава Андриукаитис.