Викендов ќе започне скијачката сезона во скијачките центри на Пелистер и на Пониква.
Од утре почнува скијачката сезона на Пелистер. ЕЛЕМ Турс информира дека од девет часот за посетители ќе биде отворен Ски-центарот „Копанки“. Во функција ќе бидат ставени двете жичарници и ски-лифта.
Скијачкиот центар е целосно подготвен и екипиран за непречено и безбедно функционирање на ски-терените. Спроведени се редовните технички подготовки и активности за почеток и тек на новата скијачка сезона, извршено е обележување на постојните патеки, а скијачките терени се подготвени со помош на машините за подготовка на скијачките патеки.
Цените, како што наведуваат во соопштението, остануваат непроменети. Сезонскиот билет е 4.000 денари, дневен билет 300 денари, тридневен 600 денари, билет за едно возење со жичарница 100 денари, а тридневен пакет аранжман од три полни пансиони во хотел „Молика“ и тридневен ски билет е по цена од 5.500 денари.
Новина од оваа година е можноста за користење на услугите на снеготапкач по цена од 6.500 денари од час.
Работното време за ски центарот Копанки е од 9 до 15,30 часот.
Интензивните врнежи од снег во изминатото деноноќие ќе овозможат од претстојниот викенд да започне скијачката сезона во планинскиот туристички центар Пониква на Осоговските Планини.
Дебелината на снежната покривка во моментов е десетина сантиметри, но најавите дека врнежите ќе продолжат ги израдуваа скијачите за кои се подготвуваат двете патеки со ски-лифтовите. На посетителите на располагање им стојат околу 400 легла во комерцијалните сместувачки објекти и во одморалиштето на МВР, а уште толку можат да се изнајмат во приватните викендички.
И покрај навремените подготовки за сезоната, од локалната самоуправа на Кочани потврдија дека топовите за вештачки снег, што ги донираше државната компанија МЕПСО, и годинава нема да бидат во функција бидејќи се оштетени.
-Заедно со колегите од Општина Пробиштип, кои го добија управувањето со топовите за снег и ратракот, бараме начин како да ги оспособиме, со оглед што несовесни посетители ги украле каблите за напојување со струја и друга придружна опрема. Исто така, оштетувања има и кај цевката за вода што е неопходна за вештачки снег, поради што сме изложени на непланирани трошоци за поправка. Сепак, се надеваме дека зимава ќе има доволно врнежи од снег што ќе овозможи скијачката сезона да се реализира според планот, истакна градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.
Пред почетокот на сезоната заврши поставен е нов асфалт на над 11 километри од патниот правец кон Пониква, а обврска за негово одржување има јавното претпријатие „Македонија пат“.
Од оваа сезона, покрај постојните 100, обезбедени се дополнителни над 300 места за паркирање.