Од 28 ноември, улицата пред Собранието е блокирана. Демонстрантите кои се таму со шатори веќе една недела велат дека на ова место ќе останат се до јануари, кога се очекува финалното гласање на уставните измени.
Секојдневното блокирање улици во Скопје создава нервоза кај граѓаните кои велат дека метежот попладне за нив е вистинско малтретирање.
Најмалку 20 граѓани можат јавно да изразат мислење или протест во отворен или затворен простор, според Законот за јавни собири, но деновиве постои негодување кај граѓаните на Скопје, бидејќи мала група луѓе секојдневно го блокира центарот на градот.
Во последниве неколку години, откако почна политичката криза во земјава, Скопје живее со дел блокирани сообраќајници.
Во моментов блокиран е булеварот Димитрие Чуповски пред Собранието од групи кои се противат на уставните измени поврзани со промената на името на државата.
Во Членот 1-а од Законот за јавните собири се вели дека правото на мирно собирање може да се оствари на начин со кој мирно ќе се протестира и притоа нема да се ограничува правото на граѓаните кои не учествуваат во јавниот собир на слободно движење и на другите права од Уставот.
Во Законот под јавни собири се смеатаат собирања на отворен или затворен простор заради остварување на забавни, културни, верски, хуманитарни, социјални, политички економски, спортски или слични интереси на граѓаните организирани заради мирно изразување на мислење или протест.
Приврзаниците на „Македонија блокира“ кои се противат на уставните измени најавија дека покрај 24-часовното блокирање на просторот пред Собранието, од утре ги прошируваат активностите со блокади и на раскрсници во Скопје во попладневните часови.