Скопските градоначалници не отстапуваат од идејата да бидат иницијатори за евентуални законски измени за одземање на ингеренциите на градоначалничката на Скопје со цел решавање на состојбата во главниот град.
– Министерот (за локална самоуправа) можеби даде тврдење дека законски е неприменливо да се премине директно кон одземање на ингеренциите, но секако не отстапуваме од идејата и доколку треба законски да се интервенира. Ние како скопски градоначалници ќе бидеме иницијатори тоа да се спроведе во пракса. Ова е недопустливо да се дозволи и понатаму да се случува. Ние сме подготвени како група да иницираме и измени во законот доколку е потребно за да се овозможат подобри услови за функционирање на сите скопјани – изјави денеска претседателот на Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС) и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
Единствениот спас за Скопје во моментов тој го гледа во неотповиклива оставка на градоначалничката Данела Арсовска.
– За жал, скопјани се заложници на еден човек кој има проблем со себе, тоа мора да го признаеме, на кој секој му е крив, освен прстот да го впери во себе и да го најде проблемот во себе. Знаеме дека станува збор за личност која е конфликтоман по природа и не сака да придонесе за развојот на градот. Проблемите не се само за јавниот транспорт, проблеми има и во Водовод, проблеми има и во Комунална хигиена, во Паркови и зеленило, практично проблеми има во секое јавно претпријатие. Ние можеме до недоглед да бараме вина во кого било, но вината на крајот е во менаџерот, во тој што добил историска шанса од граѓаните да направи нешто за својот град и за граѓаните – рече Ѓорѓиевски.
Министерот за локална самоуправа Златко Перински вели дека би поддржал какви било измени на кој било закон за да се реши ова, како што рече, лудило.
– Ние бараме инстант-решенија бидејќи надвор има 40 степени, а Скопје тоне во смет. И да земеме ова да го решаваме на начин по укажување од градоначалниците, верувајте дека ќе треба време. Законот за локална самоуправа е системски закон, се носи со двотретинско мнозинство и треба да бидеме свесни дека ако влеземе во оваа авантура нема да може да го решиме прашањето. Затоа, апелиравме како Влада, зашто дел од системот на функционирање на Градот Скопје се менаџментот и Советот – таму можат наједноставно и најбрзо да се решат сите проблеми кои ние како скопјани ги живееме – рече Перински.