Во договор на управите на Работнички и на МЗТ Скопје Аеродром, заедно со нивните навивачки групи „Сити Парк Бојс“ и „Фемили“, утрешното вечно дерби ќе биде одиграно пред празни трибини односно без присуство на публика.
Одлуката на двата клуба е објаснето преку заедничко соопштение во кое се вели:
„Во знак на протест на високите казни кои двата клуба и навивачите ги добиваа во минатото, но и сѐ уште ги добиваат од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Со ова сакаме само да покажеме како во иднина би изгледало најголемото дерби во македонскиот спорт ако се продолжи со политиката на високи казни и ригидно применување на законските акти кои дефинитивно не се прилагодени на нашите услови. Со соочуваме со драматични моменти, кои се закануваат да ја нарушат егзистенцијата на Работнички и на МЗТ Скопје Аеродром и тоа не само на професионалците од првиот тим туку и на големиот број таленти кои двата клуба ги имаат во своите редови.
Интенција на двата клуба е да се почитуваат законите, но од државата бараме тие да бидат прилагодени на условите во нашата држава. Заеднички заклучок ни е дека Законот за спречување насилство на спортските терени (ЗСНСТ), на кој се повикува МВР, е максимално ригиден и ригорозен, со превисоки казни и работи кои не се применливи кај нас. Поради овој Закон, кој е препишан од некои дијаметрално поразлични средини од нашата, клубовите повеќе пари даваат на неверојатно високите парични санкции, отколку на своите играчи, што треба и е приоритет на секој спортски колектив во светот. Затоа, бараме итна промена на ЗСНСТ, негово прилагодување на македонските услови и пред сѐ казнен систем прилагоден на нашиот стандард.
Ако тоа не се случи, тогаш јавноста ќе треба да се навикне на следење вакви сиромашни дерби пресметки пред празни трибини, наместо тие да бидат како и досега – празник на кошарката во нашата држава“, стои на крајот на соопштението на Работнички и МЗТ Скопје Аеродром.
Според распоредот објавен на веб-страницата на кошаркарската федерација, дербито, кое нема резултатско значење, се игра утревечер со почеток во 20:30 часот во СЦ „Борис Трајковски“.