Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ) искажува длабока загриженост за безбедносната состојба во земјата, особено во Скопскиот и Полошкиот регион поради, како што наведува, последните случувања во неколку маркети во Скопје и Тетово кои се мета на крадци.

Комората бара навремена реакција од полицијата и преземање соодветни мерки.

– Бараме од институциите надлежни за одржување на граѓанскиот ред и јавната безбедност соодветно и навремено да преземат чекори за сузбивање на криминалните случаи и воспоставување нормален и мирен тек на работите, како навремено и одговорно да се преземат чекори за контрола и воспоставување јавна сигурност и безбедност потребна за бизнисот, велат од СКСЗМ.

Комората апелира надлежните институции да преземат безбедносни мерки и активности, согласно соодветните оперативни планови за работа. – Сакаме да ја искажеме и нашата подготвеност да помогнеме во изградба на институционален механизам за превенција и казнување секаков вид насилство кој го загрозува работењето на нашите членки, стои во соопштението.

Според Комората, се наметнува потребата од објективна изработка на проценка на ризик за секое работно место и од третирање на ова прашање со најголемо внимание според фактичката состојба, а не според систематизацијата на работни места.