Археолошкиот музеј на Македонија, врвна археолошка установа и чувар на најзначајното културно наследство на Македонија, ја дочекува Новата година со украсени и наоблечени статуи од II и III век од н.е., со црвени капчиња, еленски рокчиња и шалчиња.
Ова се истакнува во реакцијата од Комисијата за култура на ВМРО-ДПМНЕ за скверанавењето во Археолошкиот музеј на Македонија. Реакцијата ја пренесуваме во целост.
Археолошкиот музеј јавно ги понижува и се фали со маскирањето на најубавите и најрепрезентативните статуи од Македонија во дедомразовци и еленчиња. Какво јавно исмевање на нашето културно наследство и историја е ова и зошто? Дали некој ќе одговара што домашните и странските посетители од вторникот можат да се сликаат и исмеваат со нашето културно наследство во нашиот врвен државен музеј? Музејот кој ја претставува цела Македонија!
Ако ова го направеше кој било обичен човек или се случеше во која било нормална земја, државата ќе го гледаше тоа како врвен вандалски чин и потсмевање на културното наследство. Но не и во Македонија, земја со забранета и цензурирана историја. Јавно прашуваме дали оваа практика ќе продолжи и во иднина и дали тоа ќе можат да го прават сите? Дали и посетителите ќе можат да донесат свој украс кој ќе можат да го прикачат на статуите за да се фотографираат? Ова е пример за национално понижување и врвна негрижа на културното наследство кое уште и иронично се промовира јавно од самиот музеј. Ова ли е грижата на СДСМ за нашата историја и култура?
Комисијата за култура на ВМРО-ДПМНЕ апелира до директорката на Археолошкиот музеј на Македонија, Славица Бабамова, да си даде неотповиклива оставка заради непочитување на законската регулатива за заштита на културното наследство, како и културните вредности на Република Македонија. Истовремено, ја повикуваме министерката за култура, Ирена Стефоска, веднаш да ја разреши директорката на Археолошкиот музеј и да поведе соодветна постапка пред надлежните органи во согласност со Законот за заштита на културното наследство заради непочитување на културното наследство, преземање дејствија насочени против заштитените добра и нивна употреба за цели што би можеле да ги изложат заштитените добра на опасност од оштетување или уништување.
Видеото може да го погледнете ТУКА.
Централна комисија за култура на ВМРО-ДПМНЕ