Веројатно вознемирен од мојата констатација дека политиките на СДСМ доведоа и водат до драстично опаѓање на вредноста на денарот, особено во изминатите две години за една четвртина (25%), Фатмир Битиќи во својот одговор покажува елементарно непознавање од проблематиката на пресметување на стапките на раст на која било категорија со тек на време, реагира универзитетскиот професор и поранешен министер за финансии Трајко Славески, кој е дел од ВМРО-ДПМНЕ.
Битиќи тврди дека вкупната (кумулативна) официјална стапка на инфлација за двете години не била 25% (поточно 24,9%), туку 23,6%. Едноставно ги собрал двете стапки на инфлација – 14,2% во 2022 и 9,4% во 2023 година! Претпоставувам дека се работи за грешка од невнимание.
Ако не е така, се работи за манипулација, затоа што задача од ваков тип добиваат петтоделенците на општинските натпревари по математика. Каде лежи зајакот?
Да претпоставиме (секоја претпоставка е оправдано поедноставување), дека Фатмир СДС со половина од својата функционерска плата купил од својот имењак во владата од коалциската ДУИ (Бесими) десет “граѓански обврзници” во износ од 100.000 денари, што му носи принос од 5% годишно.
Фатмир СДСМ, според сопствената логика, за две години ќе биде задоволен со камата од 10.000 денари, по 5.000 денари за секоја година. Фатмир ДУИ многу добро знае дека на Фатмир СДСМ му следува ќар не од 10.000, туку од 10.250 денари.
Убаво рекол Алберт (ова повторно за да нема забуна за кој Ајнштајн станува збор) – тој што не ја разбира каматата на камата, ја плаќа! Господинот Битиќи, исто така, наведува дека за последните две години реалната плата (номинална минус стапка на инфлација), наводно се зголемила за цели 10%.
Тој ми порачува: “… да биде појасно за проф. Славески оваа Влада го зголеми стандардот на нашите сограѓани за точно 10 процентни поени (sic!), што е далеку далеку повеке од 0 (нула), односно она што неговата партија и тој самиот, додека имале шанса, го направиле за граѓаните”.
Зошто граѓаните не се согласуваат дека животниот стандард во периодот декември 2021 – декември 2023 година им пораснал за 10%? Ќе почекаме на нивниот одговор до 8 мај, но за да не останам должен во оваа прилика ќе се обидам на коректен начин да ја искористам официјалната стстистика.
Номиналната плата во периодот 2021-23 година се зголемила за 27,5%. Да се разбереме, станува збор за просечен раст на платите во текот на годината, а не за индекси базирани на износите во последниот месец од годината, што е коректен пристап за компарација и изведување заклучоци.
Претходно се согласивме дека стапката на инфлација, мерена според индексот на трошоци на живот, во истиот период изнесувала 24,9%, што значи дека вистинскиот раст на реалната плата во овој период се зголемила за 2,6%, а не за 10% како што тврди господинот Битиќи.
Во периодот 2006-2016 година, според официјално стстистички показатели, просечната плата забележала номимален раст од 65,3%, а реалниот раст изнесувал 35,3%. Во периодот 2016-2023 година пак, просечните плати номинално пораснале за 63,9%, а реално за 21,3%, пишува Славески на Икс.