Гувернерот на Народната банка Трајко Славески денеска се сретна со раководителот на Канцеларијата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во земјава Фатих Туркменоглу.

Средбата, како што информира Народна банка, претставуваше можност за размена на мислења за економската состојба и потенцијалот за зајакнување на соработката меѓу двете институции заради поддршка на одржливиот развој.

Славески и Туркменоглу разговарале пред се за значењето на макроекономската стабилност како предуслов за побрза економска конвергенција кон Европската Унија. Гувернерот Славески ја нагласил заложбата на Народната банка за водење предвидлива и одговорна монетарна политика, што придонесува кон ценовна и финансиска стабилност, создавајќи сигурна основа за економски раст и структурни реформи.

– Цврстата макроекономска основа, којашто ја одржуваме преку стабилноста на девизниот курс, контролата на инфлацијата и преку стабилниот банкарски сектор е важен двигател на довербата кај инвеститорите и поддршка за домашната економија, истакнал гувернерот Славески.

Во контекст на најновиот извештај на ЕБОР, соговорниците се осврнале и на предизвиците поврзани со ниската продуктивност, потребата од унапредување на деловното окружување и поттикнување на дигитализацијата и иновациите. На средбата било истакнато дека зајакнувањето на конкурентноста, отпорноста и на владеењето на правото е суштествено за одржливоста на пазарната економија.

Гувернерот посочил дека пристапот до финансирање и солидната кредитна поддршка на компаниите, овозможени и преку мерките на Народната банка, се важен столб за поттикнување на продуктивноста и за вклучување на економијата во светската производствена мрежа.

Двајцата соговорници ја нагласиле важноста од натамошното унапредување на соработката меѓу Народната банка и ЕБОР, особено во областите поврзани со дигитализацијата, одржливото финансирање и зајакнувањето на отпорноста на финансискиот систем.