Слави со срце, не со оружје, е мотото на превентивната акција на СВР Куманово, во склоп на заедничката превентивна кампања на МВР и УНДП „Слави со срце, не со оружје“, а како дел од оперативниот план на МВР „Безбедно лето 2022“, соопшти МВР за превенцијата на кумановскиот Отсек за превенција.
– На граѓаните им беше поделен едукативен материјал и во непосредни разговори им беше укажано на последиците кои можат да настанат при неовластено пукање со огнено оружје на семејни свечености и други собири. На граѓаните, исто така, им се укажува дека огнометите треба задолжително да се пријават во полициските станици или одделенија на подрачјето на кое се организираат, во зависност од нивната категорија, а организаторите навреме да ги преземат пропишаните превентивни мерки, се вели во објавата на МВР на Фејсбук.
Потсетуваме, се додава во објавата, дека пукањето е спротивно на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, а глобата за ваков вид прекршок се движи од 200 до 500 евра (член 31).
– Зависно од последиците, пукањето може да претставува и кривично дело „предизвикување општа опасност“, за кое е предвидена и затворска казна од една до пет години (член 288 од Кривичниот законик). Отсекот за превенција при СВР Куманово со активностите ќе продолжи во текот на наредниот период, се вели во објавата.
Инаку сега се во ек свадбени и други фамилијарни веселби на граѓаните во Македонија, како и на иселеници кои во овој период доаѓаат во земјава на одмор и на семејни веселби.