Пратеничката од СДСМ Славјанка Петровска вечерва објави дека е позитивна на корона вирусот.

На својот фејсбук профил, Петровска објави дека „попладнево ненадејно добила покачена температура и омалаксаност додека била на седница на Собрание.“ Поради тоа се тестирала, а резулатот бил позитивен. Изминативе денови пратеничката имала ограничено движење и физичко присуство на состаноци, каде постојано носела заштитна маска.

-Ги почитував правилата, но очигледно е дека имало момент на невнимание. Ве замолувам бидете внимателни, болниците се преполни, лекарите изморени, а ние сме лесни ранливи. Чувајте се., напиша на ФБ профилот.

Славјанка Петровска е трет пратеник од владеачкото мнозинство кој во октомври е потврден за заболен од корона вирусот. Претходно Лазе Таневски од СДСМ и Исмаил Јахоски од ДУИ, потврдија дека се заразени со вирусот. Петровска од јануари до јули беше дополнителен заменик министер за внатрешни работи.

Вечерва и советникот на Зоран Заев, Марјан Забрчанец, на својот Фејсбук профил посочи дека денеска добил лесни симптоми на настинка, се тестирал и испаднал позитивен на тестот за коронавирус.

„Денес добив лесни симптоми на настинка, се тестирав и вечерва добив позитивен КОВИД-19 резултат. Добро се чувствувам, ги следам целосно советите на лекарите и од овој момент одам во домашна изолација. Водете максимална грижа, вирусот наоѓа најразлични начини да продре до човечкиот организам“, пишува Забрчанец.