Слоу Фуд Водно утре ќе го лансира предизвикот #ПосенПеток кој ќе трае следните два месеца како дел од онлајн кампањата „Храна за промени“.
Преку #ПосенПеток, Слоу Фуд Водно сака да влијае на намалувањето на консумацијата на евтино, увозно и индустриски произведено месо кое, како што нагласува, има значително влијание врз климатските промени.
Идејата е, секој што сака, да го сподели својот оброк преку слика, видео или рецепт на социјалните мрежи со хаштаг #ПосенПеток. За најкреативните учесници ќе има изненадувања.
– Нашата цел е да дадеме придонес во јакнење на јавната свест за прашањето на климатските промени и нивната поврзаност со храната што ја произведуваме и консумираме, како и да иницираме решенија за надминување и адатптација кон оваа глобална криза. Да почнеме со фактот дека со помалку месо се создаваат помалку стакленички гасови кои влијаат врз климатските промени. Истовремено, делуваме врз намалување на потрошувачката на значајни ресурски како почва, вода, шума и енергија, наведува Слоу Фуд Водно.
Според Слоу Фуд Водно, системот за производство на месо има поголем придонес за појава на климатски промени од целиот транспортен систем: автомобили, камиони, авиони и возови во светот.
– Системот за производство на месо користи дури 75 отсто од целата земјоделска површина. За да се произведе само еден бургер од приближно 100 грама потребни се околу 1.600 литри вода, а за истиот тој бургер потребно е енергија која би ја држела батеријата на ајфон цели шест месеци. Од друга страна, посниот ручек во петок е дел од нашата традиција која треба да продолжиме да ја негуваме, но истовремено е пример да размислиме, како да изгледаат нашите оброци од иднината. Штедливи, одржливи, ефтини и здрави оброци кои се добри за вас и се пријатели на Планетата, потенцира Слоу Фуд Водно.
Во рамки на #ПосенПеток ќе бидат пласирани серија видеа од најдобрите готвачи кај нас како поттик за поддржувачите и учесниците во предизвикот.
Предизвикот #ПосенПеток е дел од онлајн кампањата на проектот„ Храна за промени како одговор на климатските промени“, спроведуван од Слоу Фуд Водно, подржан од Еко Свест, ДЕМ и ЦНВП а е финансиран од Европската комисија, како дел од Програмата за регрантирање, во рамки не проектот „Да зборуваме за климатски промени“.