Министрите за земјоделство на Словачка и Украина се договорија за воспоставување систем на дозволи во трговијата на група земјоделски производи, објави словачкото министерство, сигнализирајќи решение за проблемот што ги крена земјоделците на нозе.
Минатиот петок, Европската комисија ја укина привремената забрана за извоз на украинска пченица, пченка, репка и сончоглед на пазарот на ЕУ, а Украина се согласи да воведе мерки, како што е систем за извозни дозволи, во рок од 30 дена за да се избегне ненадеен скок во испораките.
„Дотогаш, Украина ќе воведе мерки за контрола на извозот за четири групи производи од 16 септември 2023 година, со цел да се спречат нарушувања на пазарите на соседните земји-членки (ЕУ)“, се вели во соопштението на Комисијата. Словачка, Полска и Унгарија еднострано ја продолжија забраната за увоз за да ги заштитат домашните земјоделци, а украинските власти најавија тужба на почетокот на неделата.
Портпаролот на Светската трговска организација (СТО) потврди дека Украина поднела жалба до нив и со тоа го направила првиот чекор во постапката за трговскиот спор.
Во вторник, според соопштението на Министерството за земјоделство, Киев одобри воведување дозволи за извоз на група земјоделски производи во пет соседни земји во ЕУ, кои ќе се издаваат само по договор со увозниците.
Украина ќе го договори списокот и количината на производи со земјите увозници, кои ќе одлучат дали се подготвени да ја прифатат оваа стока, во колкави количини и во која временска рамка, се вели во соопштението на Министерството за земјоделство.
„Дури тогаш ќе им издадеме лиценци на нашите компании за извоз на одредени производи“, се додава.
Денеска словачкото Министерство за земјоделство објави дека е постигнат договор со Украина за воспоставување систем на дозволи.
„Министрите се договорија за воспоставување систем за трговија со жито врз основа на издавање и контрола на дозволи. До лансирањето и темелното тестирање на системот, забраната за увоз на четири категории производи од Украина останува на сила“, соопшти словачкото министерство, без да даде детали.
Украина, исто така, се согласи да ја прекине жалбата пред СТО, додаваат тие.
Земјоделците протестираа против евтиниот украински увоз, предупредувајќи дека силосите се полни, а се ближи жетвата.