Словачкиот министер за здравство Марек Крајчи изјави дека се повлекува со цел да се решат несогласувањата во владејачката коалиција, кои се појавија околу употребата на досега неодобрена руска вакцина Спутник В против Ковид-19, која во моментов ја проверува Европската агенција за лекови.
Дозвола за употреба на вакцината во Словачка даде министерот за здравство, а премиерот Игор Матович минатата недела предизвика коалициски спор заобиколувајќи ги партнерите и нарачувајќи пратки на руската вакцина.
Единството на владејачката коалиција сега ќе биде зачувано, а премиерот Матович останува на функцијата, иако две од четирите партии во коалицијата побараа негова оставка, јави словачкото радио.
Крајчи сега ќе претседава со парламентарната комисија за здравствени прашања.
Првата пратка на Спутник В беше испорачана во Словачка на 1 март. Претходно, Крајчи изјави дека употребата на руската вакцина ќе почне во втората половина на март.