Словенечкиот државен врв денеска се вакцинираше со вакцината „АстраЗенека“ со цел да се врати довербата на граѓаните во оваа вакцина, за која Европската агенција за лекови повторно прогласи дека е ефикасна и безбедна за употреба.
Претседателот Борут Пахор, премиерот Јанез Јанша, претседателот на парламентот Игор Зорчиќ и претседателот на Државниот совет Алојз Ковча беа вакцинирани попладнево во просториите на Националниот институт за јавно здравје (НИЈЗ).
НИЈЗ објави кратко видео како сите чекаат за вакцинација, седејќи на столови, со соодветно физичко растојание и нивни фотографии, на кои медицинска сестра ги вакцинира. По вакцинацијата, претседателот Борут Пахор на Твитер напиша дека сака да даде скромен придонес за што побрзо ставање крај на епидемијата во Словенија.